Националниот фудбалски стадион во Данска, Паркен, е дом и на ФК Копенхаген, но на осмиот кат е Гераниум, ресторанот кој штотуку е прогласен за најдобар во светот. Овој ресторан има прекрасен поглед низ огромните прозорци на блискиот зелен парк, пренесува магазинот City.
За жителите на овој град ресторанот е институција повеќе од една деценија. Во 2016 година стана првиот дански ресторан со 3 Мишелин ѕвезди, а од 2013 година се наоѓа на различни листи за најдобри ресторани во светот, за оваа година конечно да стигне до првото место.
Покрај необичната локација и уредениот ентериер, овој ресторан се издвојува и поради тоа што не се служат јадења со месо, а и поради тоа што е отворен само четири дена во неделата. Доколку сте во Копенхаген и сакате да застанете кај овој ресторан, подгответе се, бидејќи тој воопшто не е евтин и проверете кога се игра фудбал, за да не налетате на бескрајна река од навивачи.