Денеска или најдоцна утре Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција писмено ќе го извести Советот на јавни обвинители за сите досега преземени активности во предистрагата и истрагата во случајот „Рекет“, меѓу нив и вчерашното приведување и притворање на специјалната обвинителка Катица Јанева.
По барање на Советот Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција подготвува преглед на настаните и преземените дејствија што треба да биде составен дел на известувањето упатено до него, велат од Обвинителството.
-Со оглед на тоа што во текот на предистражната и истражната постапка од страна на ОЈО ГОКК беа превземени низа дејствија, обвинителството прегледот ќе го достави до Советот во текот на денешниот ден или утре наутро, додаваат од таму.
По приведувањето на Јанева СЈО е обезглавено, неговата судбина нерешена, поради застојот во преговорите меѓу власти и опозицијата за законот за Јавно обвинителство, каде се решава неговиот статус.
Претседателот на Советот Коле Штерјев откако ќе го добие известувањето треба да закаже седница, на која ќе започне постапката за разрешување на Јанева од прв човек на СЈО.
Според републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој се повикува на Законот за јавното обвинителство, во ваков случај треба да реагира Советот на јавни обвинители и да назначи вршител на должноста. Тоа би значело дека замена на Јанева би била некоја од нејзините колеги или колешки.
Од друга страна, претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев смета дека не може да се назначи в.д специјален обвинител без да и истече мандатот на Јанева.
– Само во еден случај, Советот назначува вршител на должност. Тоа е тогаш кога на еден јавен обвинител му се прекинува мандатот или е разрешен и Советот назначува вршител на должност од редовите на тоа обвинителство. Доколку Јанева не е разрешена и додека не и се прекине мандатот, не можеме да назначиме вршител на должност. Постапката за разрешување е предвидена со законот за СЈО, каде се вели дека доколку предлагаме ние, треба да подготвиме извештај и да го доставиме до Собранието, комисиите да го разгледаат и потоа Собранието да ни предложи ние да разрешиме, појаснува Штерјев во изјава за медиумите.
Законот за СЈО во член 18 вели дека јавниот обвинител може да се разрешува од функцијата пред истекот на мандатот поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Доколку Советот на јавни обвинители започне постапка за разрешување на јавниот обвинител во разумен рок треба да достави до Парламентот извештај за утврдената фактичка состојба и основите за разрешување. Извештајот би бил достапен на јавноста преку комисиите во Собранието, освен ако некоја од комисиите не го одложи или спречи објавувањето на дел и на целиот извештај, доколку најде за потребно да се заштитат правата на секое лице наведено во извештајот или да спречи недозволено влијание во кое било кривично гонење.
Врз основа на доставниот извештај, а на предлог на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата и по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број на пратеници, Советот по предлог на Собранието го разрешува јавниот обвинител. Собранието го утврдува предлогот за разрешување на јавниот обвинител до Советот на јавни обвинители со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство.
Согласно член 19 од овој закон, разрешениот јавен обвинител кој раководи со Јавното обвинителство може да поднесе тужба до Основниот суд Скопје 2-Скопје за разгледување на одлуката за разрешување. Со одлука на судот, јавниот обвинител може да биде вратен на работа или да добие друг вид надоместок.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека Законот е прецизен и јасен на кој начин се бира специјален јавен обвинител, дури и доколку станува збор за вршител на должност. Во моментов за опозицијата приоритет е целосна истрага за сите инволвирани во „Рекет“.
Откако ќе се расветли случајот, како што изјави денеска портпаролот на партијата, Димче Арсовски ќе може да се размислува за наследник на Јанева.
-Меѓутоа законот е повеќе од јасен, кој би можел да биде наследник и во моментов да не заборавиме дека има работна група при која се разговара за нов закон за специјално јавно обвинителство. Доколку бидат прифатени нашите предлози коишто се предложени не од аспект на имиња и персонализација односно персони кои би можеле да бидат на чело, туку предлози во однос на законот како би изгледал за да може да се донесе закон кој би донел неселективна правда за сите граѓани во Република Македонија, додаде тој.