На државата ѝ треба „Чебрен“, ама сами да ја градиме, вели Мицкоски!

– Ние не бевме против „Чебрен“, туку бевме против процедурата со која потенцијалниот инвеститор, би рекол, практично беше измамен од тендерската комисија, која го имаше подготвено тој повик, бидејќи едни биле условите на почеток, а други на крајот на таа процедура, е ставот на премиерот Христијан Мицкоски.

За изградбата на „Чебрен“, рече дека негов личен став е дека треба државата да има ваква акумулација и дека треба да се обезбедат средства и сами да го градиме овој објект.

 – И во предизборието кажавме и сега ќе кажам: треба да одлучиме дали сакаме да го градиме „Чебрен“ како држава, за тоа да земеме финансии, или ќе бараме приватен инвеститор, кој ќе го изведе проектот од почеток до крај, без какви било концесии што ќе дојдат од државна страна. Тоа е она што треба да расчистиме како држава и како Влада да го направиме. Длабоко сум убеден дека на Македонија, и како држава, ѝ е потребен уште еден резервоар за вода, односно да се изгради уште една акумулација што ќе биде потенцијален резервоар за вода, бидејќи имајќи ги предвид климатските промени и годините што следуваат, тоа ќе ни биде потребно за идните генерации – истакна Мицкоски.

Реализацијата на овој проект, според Мицкоски, ќе обезбеди и дополнителен капацитет за наводнување на Тиквешкото Поле и туристички потенцијал, односно изградба на викенд-населби, хотели итн., кои ќе може да привлечат голем број туристи.