Министреот за внатрешни работи Наќе Чулев се огласи на својот Фејсбук профил во врска со пишувањата во медиумите за наводни апсења на лица кои се дел од неговиот тим и ја информира јавноста дека најостро ги демантира овие наводи.
„Имено, станува збор за преземање службени дејства по наредба на судија за претходна постапка за лица кои се вработени во Министерството за внатрешни работи и истите се распоредени на соодветни работни места со решенија од претходните министри и никако не се поврзани со мојот тим или пак мојот кабинет. Лицата немаат добиено било какви решенија од моја страна.
Во таа насока во целост ги демантирам наводите објавени во медиумите кои се креирани од луѓе кои сакаат да застанат на патот на правдата. Уште еднаш напоменувам дека изнесените наводи во медиумите се лага и конструкција смислена од претходното раководство на министерството за внатрешни работи. Овие лажни вести се пласираат за да се нанесе штета на моето работење и на моите соработници“, пишува министерот Чулев и нагласува:
„Според моите информации во наредниот период се очекува покрај вакво изнесување на невистини да се преземаат и други слични активности кои се резултат на спрегата помеѓу параполициски, судски и обвинителски структури, блиски до СДСМ и подземјето со цел попречување на истрагите кои се во тек, а се однесуваат на криминалните дејствија поврзани со претходната структура“.
Тој вели дека никој нема да го поколеба или исплаши во неговата посветеност за бескомпромисна борба против организираниот криминал и корупцијата.
Полициски служебеници се повикани во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за да дадат исказ за постака, која е во тек, потврдија претходно за МИА од Обвинителството.
Одземени им се мобилните телефони, а полициските службеници се пред надлежен јавен обвинител, велат од Обвинителствот и додаваат дека во моментов не можат да изнесат повеќе детали.
Дел од медиумите објавија дека се спроведуваат апсења за високи високи полициски службеници од тимот на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев поради оддавање на службени тајни, документи, снимки од ПИ мерки и нивно објавување по портали.