На Германија ѝ се потребни три години за да стане независна од рускиот гас

На Германија ќе ѝ бидат потребни три години за да организира алтернативно снабдување со природен гас за да стане независна од увозот на овој енергенс од Русија, порача главниот извршен директор на германскиот енергетски гигант E.ON.

„Проценивме дека тоа би барало период од три години“, изјави извршниот директор на E.ON., Леонард Бирнбаум за германската телевизиска емисија „Tagesthemen“ на прашањето колку брзо Германија би можела да се одвикне од користењето на рускиот гас.

„Без снабдувањето со рускиот гас, германското стопанство би претрпело огромни штети, коишто треба да се избегнат доколку тоа е можно на кој и да е начин“, додаде Бирнбаум.

Приоритет на регулаторот на гасната мрежа во Германија ќе биде затоплувањето на граѓаните а не индустријата, па првиот удар во случај на евентуално ограничување на испораките ќе падне на грбот на компаниите кои трошат многу енергија, како што се челичарниците, појаснува челникот на E.ON-a.

Притоа Бирнбаум предупредува и на второстепените ефекти кои би можело да предузвикаат недостиг од делови и репроматеријали во другите индустриски сектори.

Минатата седмица министерството за економија соопшти дека Герамнија би можела уште оваа година да го преполови увозот на нафта од Русија, додека од увозот на гасот би можела да биде зависна уште најмалку две години.

„Напуштањето на рускиот гас ќе бара изградба на обновливи извори на енергија, доследно намалување на потрошувачката на сите новоа, диверзификација и брзо користење. Би можеле со заеднички напори да станеме независни од рускиот гас до летото 2024-та“, стои во документот кој минатиот петок го објави германското министерство за економија.

Но, како што се истакнува, тоа би можело да се постигне само со штедење на гасот и засилено користење на водородот . Во тој случај, се додава, Германија би можела до посочениот рок да ги сведе уделот на рускиот гас во нејзината потрошувачка на 10 отсто.

Уделот на Русија во увозот на гас во Германија е околу 55 отсто, на јагленот 45, а на суровата нафта околу 35 отсто. Во Европската унија 40 отсто од увезениот гас доаѓа од Русија.

Поради тоа, Германија не може да се согласи на ембарго на увозот на руски гас, изјави минситерот за економија Роберт Хабек. Предупреди и на секундарните ефекти поради недостигот од компоненти и репроматеријали во многуте други индустрии.

На состанокот на челниците на Европската унија во петокот не беше изграден заеднички и единствен став за минатонеделното барање на Русија земјите коишто се придружија на САД во воведувањето нови санкции протирв руските финансиски, технолошки и енергетски сектори, да го плаќаат гасот во рубли а не во евра.