
Во однос на неславната статистика за починати новороденчиња на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје и годинава ништо не се менува – во првите три месеци од годинава починати се 35 новороденчиња или само 2,6 отсто помалку од истиот период лани.
И министерот за здравство и директорката на клиниката ветуваа дека работите ќе се сменат, дека ќе бидат преземени строги мерки за надминување на овој сериозен проблем, но засега ништо.
Недостапноста на родилиштата и несоодветната и ненавремена здравствена грижа на родилките е главна причина за нивната смртност, а најголем процент од починатите бебиња е поради нивната мала родилна тежина и предвремено раѓање. Во краткорочните мерки се подготвени упатства за следење на ризичните состојби во текот на бременоста, како и клинички упатства за постапување при сепса, проблеми со коагулацијата на крвта во текот на бременоста и за време на породувањето, упатства за постапување при покачен притисок кај мајката комбиниран со високо ниво на протеини во крвта – изјави пред два месеци министерот Филипче.
Најчестите причини за зголемената смртност на новороденчињата се недозреани бели дробови и сепса, ниска родилна тежина, но и нестручноста на дел од лекарите, инфекциите и предвремените породувања.
Во последните три години годишниот просек на смртноста на новороденчињата на оваа клиника е околу 200. Трендот е почнат во 2016 година кога починале 185 новороденчиња што беше за два пати повеќе од 2015 година. И од тогаш просекот е околу 200.