Најголем упад на кинески авиони во зоната на воздушна одбрана на Тајван

Седумдесет и еден авион на кинеската воена авијација, вклучително и борбени ловци и беспилотни летала, навлегле во идентификациската зона на противвоздушната одбрана на Тајван во последните 24 часа, соопштија во понеделникот властите во Тајпеј, што претставува најголем кинески упад од овој вид досега.

Четириесет и три авиони ја минале средишната линија на Тајванскиот теснец, неофицијалната тампон зона меѓу Кина и одметнатиот остров кој таа го смета за своја отцепена покраина, во делот кој се наоѓа во одбранбената зона, соопшти тајванското министерство за одбрана, ден откако Пекинг објави за комбинирани воени маневри во областа.

Кинеските вооружени сили во неделата одржаа маневри на различни водови и родови војски во близина на островот Тајван, објави портпаролот на Источната зона на борбената команда на кинеската армија, Ши Ји. Во објавата Ши истакна дека маневрите се „решителен одговор“ на Кина на „неодамнешната ескалација на провокативните дејствија на САД“ во врска со тајванското прашање. Додаде и дека трупите на кинеската Источна зона на борбената команда ќе продолжат да преземаат „решителни мерки за заштита на државниот суверенитет и територијален интегритет“ на Кина.

Тајванските медиуми денеска објавија дека станува збор за најголемиот упад на кинеските воздухопловни сили досега, иако на островот немало чувство на тревога, иако последните години е под пораст на кинеските притисоци. Официјален Тајпеј оцени дека маневрите покажале дека Пекинг „го уништува регионалниот мир и се обидува да го заплаши населението“ на островот.