Две третини од македонските граѓани сметаат дека државата се движи во лоша насока, покажа последната анкета на ИРИ.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Владо Мисајловски во емисијата „Што не е јасно“ даде свој коментар за незадоволството кое граѓаните последниве години го искажуваат.
-Има различни прашања во анкетите за оваа тема. Преку 70 % од граѓаните не се задоволни од економијата во Македонија. Гледаат дека има низок стандард, дека сметките се повисоки, дека со средствата кои ги имате како плата можете да купите многу помалку продукти. Дека тоа што го велат дека ја зголемиле минималната плата и го прават како огромен чин – инфлацијата им ги зема сите пари, со тие пари од 30.000 денари сега многу помалку продукти можете да купите отколку во минатото. Горивото е поскапено, струјата е поскапена. Тие како власт постојано велат дека има светска криза, меѓународна криза, конфликт во Украина. Суштината е што власта не прави доволно и што не прави добри мерки како да се ублажи ова. Секој еден човек тоа го приметува на себе. Кога вие имате мала плата, а големи трошоци, а Владата вели дека се прави за вас, а вие тоа не го чувствувате, тогаш е проблем. Кога власта се фали дека прави проекти, а вие не ги гледате, нема ништо, условите не се подобруваат, рече Мисајловски.
Тој оцени дека власта добила рејтинг кога народот беше затворен во карантин и кога даваа различни ветувања, а граѓаните тогаш имаа надеж.
-Кога тоа помина, а гледаме дека ништо не е остварено, затоа има разочарувања. Најголемата болка на граѓаните, во овие анкети им е од економски причини. Најважно им е каков е стандардот, образованието, здравството. Овие анкети покажуваат дека народот не е задоволен во својата земја и дека сака да си замине. Тоа е многу голема болка, рече Мисајловски.