Младиот Кинез Ванг Сиао Чонг деновиве е во посета на Македонија и Крушево, родното место на починатата поп-ѕвезда Тоше Проески, поради чии песни тој и одлучил да допатува во земјава. Кинезот кој среде Пекинг пееше песни од Тоше Проески, конечно е во Крушево – го посети неговиот гроб и настапи на концерт.
Иако од своите пријатели слушал за Макеоднија, сепак музиката на Тоше Проески е главната причина за да ја посети Македонија. Најдобри изведби по негов вкус се „Се уште сонувам дека сме заедно“, македонската верзија на „Игри без граници“ и „Цреша“, како и „Чија си“.
– Првата песна која ја слушнав од Тоше беше „Чија си“, српската верзија. Имам слушнато многу српски песни, но таа од Тоше ми остана при срце. Си реков како може едно човек да има толку ангелски глас. Исто така и стиховите кои ме допреа, можев да го почувствувам тоа и од тој миг почнав да ги слушам песните на Тоше и тоа трае веќе седум години, вели Ванг Сиао Чонг.
Во моментов Ванг Сиао Чонг е во Крушево каде со фановите на Тоше од цел регион го посетија гробот на Тоше на Гумење и неговата спомен куќа, се фотографираа и пред Македонониумот.
„Wang е дечкото од Кина кој во Пекинг на плоштад ги пее песните од Тоше. Ја сака Македонија, учи македонски и конечно му се оствари желбата да дојде во Крушево. И понатаму сè ви е јасно“ – вели надобриот другар на Тоше кој објави видео на Инстаграм.