
Штрајкот на целокупниот сообраќај во Германија, еден од најголемите во последните неколку децении во најголемата европска економија, го парализираше во понеделникот утрото воздухопловниот, железничкиот, поморскиот и автобускиот сообраќај во земјата.
Еднодневниот штрајк на повик на синдикатот Verdi и синдикатот на вработените во железницата EVG е последниот во повеќемесечните индустриски акции кои ги погодија големите европски економии, бидејќи високите цени на храната и енергијата го намалуваат животниот стандард.
Двата најголеми германски аеродрома, во Франкфурт и во Минхен, ги запреа летовите, додека железничкиот оператор „Deutsche Bahn“ го откажа меѓуградските железнички услуги. Штрајкот го опфаќа и водниот сообраќај во Германија, како и управувањето со автопатите.
Поради штрајкот на вработените на германските автопати, се стравува од големи застои во понеделник поради преоптовареност, но и од затворањето на тунелите кои поради штрајкот нема да бидат под надзор.
Синдикатот Verdi преговара во името на 2,5 милиони вработени во јавниот сектор, вклучително и во јавниот транспорт и на аеродромите, додека синдикатот EVG преговара за околу 230.000 вработени на железничкиот оператор „Deutsche Bahn“ и компаниите за автобуски транспорт.
Франк Вернеке, челник на синдикатот Verdi, кој вели дека станува збор за најголемиот штрајк по децении, изјави дека работничката акција е прашање на опстанок на милиони работници во текот на високата инфлација, пренесува весникот Bild am Sonntag.
Потрошувачките цени во Германија пораснаа повеќе отколку што се очекуваше во февруари, за 9,3 отсто во однос на истиот месец минатата 2022 година.
Челникот на EVG, Мартин Буркерт, изјави за весникот Augsburger Allgemeine во понеделникот дека работодавачите сѐ уште не дале одржлива понуда и предупреди дека се можни и натамошни предупредувачки штрајкови, вклучително и во текот на претстојниот период на божикните празници.
Во неделата од „Deutsche Bahn“ оценија дека штрајкот е „претеран, неоснован и непотребен“, а работодавачите предупредуваат дека повисоките плати би резултирале со повисоки цени на билетите и даноците за да се надомести разликата.
Мнозинството има разбирање за штрајкот
Според испитувањето на јавното мнение што го спровела службената Германска новинска агенција (DPA), и покрај големите проблеми кои ги носи штрајкот во сообраќајниот сектор во Германија, повеќето граѓани имаат разбирање за запирањето на работата.
Според оваа анкета, 55 отсто од испитаниците заедничкиот штрајк на синдикатите Verdi и EVG го сметаат „оправдан“ или „целосно оправдан“, а 38 отсто акцијата ја сметаат „неоправдана“ или „целосно неоправдана“.
Истражувањето, исто така, покажало дека 69 отсто од испитаниците не се погодени од штрајкот, бидејќи или не зависат од транспортните средства или нашле некакво алтернативно решение за понеделникот.
Според прописите, вработените или учениците се должни да се појават на работното место или во училиштата и покрај штрајкот во сообраќајниот сектор, имајќи предвид дека штрајкот е најавен неколку денови претходно, а што, според законот, овозможува да се најде алтернатива.