На готвач со Мишленова ѕвезда му украле комбе со пити од 25.000 фунти

Британски готвач чиј ресторан има ѕвезда на Мишлен (Michelin) ги повика крадците кои му го украдоа комбето со 2.500 пити „да ја направат вистинската работа“, да не ги фрлаат, туку да ги остават некаде за да ги изедат луѓето кои имаат потреба.

Томи Бенкс, сопственик на два ресторана и паб во Северен Јоркшир, во понеделникот на Instagram објави дека му е украдено комбето со намирници во вредност од 25.000 фунти (повеќе од 30.000 евра).

Бенкс во видеото вели дека „речиси еден тон“ разни пити биле „украдени“ заедно со комбе земено од бизнис паркот Баркер во Мелмерби во неделата вечерта. Содржината на ладилникот требало да биде доставена до штанд за пити на божикниот пазар во Јорк, но вработените откриле дека комбето исчезнало во понеделник наутро.

Тој ги повика крадците да ги остават питите во општински центар или пред народната кујна.

„Украдените намирници, а меѓу нив беа пити од разни видови месо, со пиво, од брусница или батернат тиквички, би биле доволни да ја снабдат Tommy’s Pie Shop за една седмица“, вели очајниот готвач.

„Знам дека питите сега ги нема и очигледно нема да ги вратиме за да ги продадеме. Претпоставувам дека крадците не знаеле дека украле 2.500 пити заедно со комбето! Сите тие се во кутии со моето име на нив, па нема да им биде лесно да ги продадат“, додава Бенкс.

„Знам дека сте криминалци, но можеби би можеле да направите нешто убаво затоа што е Божик и можеби заедно би можеле да нахраниме неколку илјади кои имаат потреба…, направете ја вистинската работа, не дозволувајте храната да се фрли. Тоа би била вистинска штета“.

Во видеото, Бенкс побара од сите на коишто некој ќе се обида да им ги продаде питите а не е самиот тој да пријават во полиција.

Полицијата во Северен Јоркшир соопшти дека биле информирани за кражбата и побарале од сите што имаат какви и да се информации да контактираат со нив.