На полноќ, според планираното, започна имплементацијата на договорот меѓу Белград и Приштина, според кој на граѓаните кои влегуваат во Србија со косовски лични карти нема да им се издаваат дополнителни обрасци за декларација.
Десет минути по полноќ автобус со косовски регистерски таблички влегол во централна Србија, а патниците биле подложени на рутинска проверка на документите.
Забележително е зголемено присуството на војниците на КФОР, кои се наоѓаат недалеку од административните премини Брњак и Јариње.
Со договорот меѓу Белград и Приштина, Србија се обврза да не издава декларации за косовските лични карти, потег за кој српските власти инсистираат дека не значи признавање на Косово.
За возврат од косовска страна, сите што имаат српски лични карти ќе можат непречено да влегуваат и излегуваат од Косово.
Кога косовската влада последен пат се обиде да ја спроведе одлуката за реципроцитет, Србите од северно Косово одговорија со подигање барикади.