Агенцијата за управување со одземен имот попладнево соопшти дека е одземен имот на поранешниот премиер Никола Груевски поврзани со случајот „Плацеви на Водно”.
Како што велат од таму, одземени се два стана на Бихаќка, три апартмана во Панорама резиденс, како и градежно земјиште во Центар и во Норово. Од Агенцијата велат дека имотот наскоро ќе биде ставен на продажба.
„Со влегувањето во владина постапка започна враќањето на паричните средства во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот премиер Никола Груевски. Станува збор за два стана кои се наоѓаат на ул.Бихачка, еден од 65м2, другиот од 44м2 на КО Кисела Вода 1, одземени со правосилна пресуда III KOK.бр.63/21 од Основен кривичен суд Скопје. Покрај овие два стана одземени се и три апартмани во Панорама Резиденс како и градежно земјиште во КО Центар и градежно земјиште во КО Норово кои што исто така, во најкратко време, ќе бидат ставени во постапка за продажба”, се вели во соопштението.
Груевски кој е во бегство во Унгарија, во отсуство беше осуден на 9 години затвор поради тоа што со пари од партиски донатори и членови купувал плацеви и станови за себе на Водно. Поранешниот премиер е осуден за кривичните дела Перење пари и други приноси од казниво дело и Противправно стекнување и прикривање на имот.