Апелациониот суд во Скопје поради пропусти во постапката ја укина пресудата во предметот „Тврдина 2“ за македонскиот разузнавач, Горан Грујевски, кој е во бегство во Грција. Тој во Кривичниот суд во отсуство беше осуден на казна затвор од 18 месеци за уништувањето на документацијата поврзана со незаконското прислушување.
Според одлуката на Судот, пресудата е укината и предметот е вратен на повторно судење зашто не биле исполнети законските услови за судење во отсуство. Апелација, пак, ја потврди условната казна за службеничката која се жалеше на пресудата.
Предметот се уште не е доставен во Кривичниот суд и не се знае кој судија ке продолжи понатаму да суди по овој предмет.
Грујевски, инаку е обвинет и во случајот за масовното прислушување „Тврдина-Таргет“ и во предметот „Трезор“, а против него СЈО ја води истрагата „Странски служби“, за набавка на опремата за прислушување.
Во „Тврдина 2“ освен Грујевски беа обвинети уште пет службенички од УБК. Четири од нив добија по една година условна казна затво, која нема да одлежат доколку не направат кривично дело во наредните 3 години. Петтата обвинета доби условна казна од 9 месеци, која нема да се изврши доколку не направи кривично дело во наредните две години. Таа доби пониска казна, бидејќи придонела во утврдување на вистината за случајот.