Шефот на дирекцијата за развој, инвестиции и конкурентност на туристичкото стопанство во хрватското Министерство за туризам, Роберт Пенде, изјави дека на туризмот во моментов му недостасуваат околу 15.000 работници, иако очекува тој недостиг да се намали.
„Според информациите што ги добивме од самиот сектор само во дејноста 55 која се однесува за сместување, има околу 10.000 лица кои треба да се вработат за оваа туристичкава година“, рече Пенде. Тој додаде дека проценки велат дека во рестораните и во другите придружни услуги би имало уште 5.000 слободни места. Значи, се зборува за 15 илјади во моментов.
Претседателката на Жупаниската комора на Дубровник, Николина Тројиќ, изјави дека потребата на хрватско ниво секако е меѓу 15 и 20 илјади работници кои треба да се „увезат“.
„На ниво на дубровничко-неретванската жупанија сигурно има најмалку две-три илјади луѓе кои треба да дојдат да работат, а кои недостигаат“, рече таа.
Директорката на хотелско-туристичката школа во Опатија, Ксенија Бељан, рече дека студентите навистина немаат проблеми со вработувањето по завршувањето на дефицитарните занимања. „Денеска завршуваат училиште, утре се вработуваат“, рече таа.