Највисоките функционери на Европската унија и на Кина планираат да одржат самит во Пекинг оваа седмица, соопшти во понеделникот кинеското Министерство за надворешни работи, без да даде поединости за темите на коишто ќе се разговара.
На самитот, кој ќе се одржи во четврток, ЕУ ќе ја претставуваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а кинеската делегација ќе ја предводи претседателот Кси Џинпинг.
Самитот доаѓа во време на застој околу трговските прашања. Пекинг ја критикуваше истрагата на ЕУ за државните субвенции за кинескиот сектор за електрични автомобили, чиј резултат сè уште се чека. Кинеските власти сметаат дека истрагата е кршење на меѓународните трговски правила.
Друга тема би можеле да бидат плановите на ЕУ за намалување на ризикот, насочени кон намалување на зависноста на блокот од Кина во одредени технолошки области и клучните суровини. Комисијата нагласи дека нема намера да ги прекине врските со втората по големина економија во светот, но Пекинг смета дека таквите потези се протекционистички.
Претставниците на ЕУ укажуваат на трговскиот дефицит во корист на Кина и тешките услови за европските компании кои сакаат да се пробијат на кинескиот пазар.
Се претпоставува дека поддршката на Кина за руската инвазија на Украина и позицијата на Кина за актуелниот конфликт меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа ќе се разговара како дел од геополитичките теми.