Во средата претставниците на Европскиот парламент одобрија дополнителни 15 пратенички места, кои ќе ги делат 12 земји-членки по европските избори во 2024 година.
Европратениците на пленарната седница во Стразбур ја одобрија одлуката на Европскиот совет за зголемување на бројот на места за следното свикување на Европскиот парламент од 705 на 720 мандати, соопшти Европскиот парламент. Франција, Шпанија и Холандија ќе добијат по два дополнителни претставника, Австрија, Данска, Белгија, Полска, Финска, Словачка, Ирска, Словенија и Летонија ќе добијат по еден.
Следните европски избори, кои ќе се одржуваат од 6-ти до 9-ти јуни 2024 година, ќе бидат спроведени со новiot број пратенички места во парламентот во Стразбур.
Така, Австрија во иднина ќе има вкупно 20 мандати, Белгија 22, Данска 15, Финска 15, Франција 81, Ирска 14, Летонија 9, Холандија 31, Полска 53, Словачка 15, Словенија 9 и Шпанија 61.
Составот на Европскиот парламент се одредува пред изборите во согласност со принципите утврдени во договорите на ЕУ и врз основа на најновите демографски податоци, односно максимум 750 претставници плус претседателот на парламентот; минимум 6 мандати по земја членка и максимум 96, според принципот на „дегресивна пропорционалност“.
Предлогот на Европскиот совет се заснова на извештајот на парламентот од јуни 2023 година, кој започна процес поттикнат од демографските промени во ЕУ по европските избори во 2019 година.
Парламентот ја поддржа законодавната одлука со 515 гласа „за“, 74 „против“ и 44 воздржани.
За време на дискусијата што му претходеше на гласањето, пратениците го критикуваа обидот на Европскиот совет да влијае на буџетските функции на парламентот и повторија дека парламентот е независен. Коизвестувачите изразија жалење што Европскиот совет веднаш не го известил Европскиот парламент дека има намера да отстапи од првичниот предлог за вкупниот број мандати, но и од одлуката за паневропската изборна единица, објави парламентот.