Потегот на организаторите на Зимските олимписки игри во Пекинг младата ујгурска спортистка да биде во центарот на вниманието при кулминацијата на церемонијата на отворањето на игрите ја стави во центарот на долгогодишните контроверзии во кои Западот ја обвинува Кина за кршење на човековите права во провинцијата Ксинџијанг.
Дилингар Илхамџан на ујгруски, или Динигеер Јиламуџианг во меѓународно прифатената кинеска транскрипција, 20-годишна скијашка тркачка, со години тренирала за да го исполни сонот на секое дете да настапи на Олимпијада. Но нејзиното истакнато и насмеано појавување како последна носителка на олимпискиот факел во петокот на националниот стадион „Птичје гнездо“ пред илјадниците гледачи и милионскиот телевизиски аудиториум, сега на Западот се оценува како „јасен политички“ потег.
Јиламуџианг доаѓа од авономниот регион Ксинџијанг (Ујгурија), регион во кој живее туркофоното муслиманско малцинство, а Западот и тамошните организации за човекови права ја обвинуваат кинеската владејачка Комунистичка партија за наводно кршење на човековите права во оваа провинција којашто граничи со Монголија, Русија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Авганистан, Пакистан и Индија.
По појавувањето на Јиламуџианг на националната и на странските телевизии, кинеските дипломати на Twitter споделуваа видеоснимки со нејзиното семејство како ја следи церемонијата на телевизор и ракоплеска, а некои од нив бришат солзи.
Кина повеќепати ги повикуваше своите критичари да престанат со политизацијата на Игрите во Пекинг, во обидот на Западот да ги засени со отворање прашања за човекови права, слободата на изразувањето и коронавирусот и хипотетички проекции што би можело да им се случи на спортистите „доколку прозборат“ на Игрите.
Во тој контекст на прашањето од одредени медиуми за Меѓународниот олимписки комитет (МОК) му беше поставено прашањето дали со вклучувањето на Јиламуџианг го „исполнило стандардот за политичка неутралност“, беше одговорено дека таа го има „секое право“ да учествува.
„Како што ви е познато од Олимписката повелба, ние не ги дискриминираме луѓето според тоа од каде доаѓаат, од кое потекло се. Мислма дека концептот на собир на сите генерации беше навистина извонреден“, изјави портпаролот на МОК, Марк Адамс.
Последната делница од штафетното пренесување на олимпискиот факел којашто се одвиваше на самиот стадион, вклучуваше и кинески спортисти родени во секоја деценија почнувајќи до 1950-те до 2000-те години.
Судбината на кинеските Ујгури беше фокусот на забелешките на некои западни сили пред почетокот на Игрите. Западни влади, активисти и организации тврдат дека наводно најмалку милиони луѓе, главно припадници на муслиманските малцинства, биле затворени во „логори за превоспитувања“ во Ксинџијанг, а Пекинг го обвинуваат за наводно присилна стерилизација на жените и наметнување присилен труд во регионот. САД ја овинија Кина и за геноцид.
Кина со години возвраќа дека не врши притисоци вр Ујгурите, дека организира кампови за дообразование за сите граѓани, како и дека кривично гонат припадници на малцинството кои се вклучени во десетиците терористички напади во Кина изминатите две децении и за кои тврди дека се поврзани со џихадистичките организации во странство.
Иако многу светски челници, од кои најголемо внимание предизвика присуството на рускиот претседател Владимир Путин кој со кинескиот колега по должност Кси Џинпинг во петокот потпиша низа стратешки договори, присуствуваа на свеченото отворање во петокот, САД и нивните сојузници Австралија, Велика Британија и Канада, кои дејствуваат како засебан блок, беа меѓу главните земји кои не испратија дипломатски претставници под изговор за кршењето на правата на Ујгурите.
Инаку, кога станува збор за самата Динигеер Јиламуџианг започнала да тренира скијање на 12-годишна возраст под водство на нејзиниот татко, исто така, скијач кој се натпреварувал на национално ниво, наведува China Sports Dail. На кинеската репрезентација во скијачко трчање ѝ се приклучила во 2017 година. Јиламуџианг во 2019 година стана првата кинеска освојувачка на медал во оваа дисциплина во организација на Меѓународната скијачка федерација, а медиумите ја славеа за подигнување на угледот на Кина во овој спорт. Нејзиниот татко бил скијачки тркач во 1980-те години, а денес е инструктор за скијање и мотиватор на Јуламуџианг.