На Киев му треба повеќе оружје поради должината на линијата на фронтот, вели Подолјак

Советникот на украинскиот претседател, Михајло Подолјак, бара од сојузниците повеќе оружје за да ја помогнат сега одбранбената кампања на неговата земја против руската инвазија, со оглед на моменталната состојба на борбите во кои украинската офанзива покраната ланскиот јуни не постигна никакви резултати според процените на западните сојузници.

„Во оваа фаза од војната, проблемот е што бројот на оружје, беспилотни летала, гранати или артилериска муниција не е рамномерно распределен. Ова треба да се изедначи“, вели Подолјак за германскиот весник Bild.

„Можно е само едно сценарио“, додава советникот на претседателот Володомир Зеленски, а тоа според него е „максимално зајакнување на Украина со високотехнолошки оружја“.

„Не е неопходно да се зборува, туку да се инвестира во воено производство“, вели Подолјак наведувајќи ги „ракетите со долг дострел, дронови, гранати и артилериска муниција. Бројот на оружје треба да биде голем“.

Подолјак истовремено посочува на долг фронт додека неговата земја се обидува да се одбрани од руските напади во неколку правци. Целата линија на фронтот е долга над 1.300 километри, а борбите се водат по должина од 600 до 800 километри, потсети украинскиот дипломат.

Ја оценува моменталната воена состојба како тешка, бидејќи интензитетот на борбите не слабее, без разлика на климатските фактори.

Русија, сепак, не постигнала значителен напредок за една година, тврди Подолјак. „Русија се бори со масите, спроведена е прикриена мобилизација, многу луѓе се испратени на фронтот, многу опрема е концентрирана и сето тоа треба да се уништи“, додаде.

Подолјак рече дека претпоставува дека војната ќе продолжи според плановите на рускиот претседател Владимир Путин „додека не ја освои целата територија на Украина, додека не постигне доминација во Европа, додека не ги освои останатите постсоветски територии“.

Според него, тоа е затоа што „човекот не оди во голема војна откако ќе си ја уништи репутацијата и односите ако сака да се задоволи со нешто мало. Тоа е бесмислено“, заклучил тој.