Ова се лекови што досега воопшто не биле на позитивна листа, ниту пак се набавувале. Терапијата за малигни заболувања на бубрег и кожа веќе е воведена и достапна на пациентите, а годинава ќе бидат воведени и лекови за рак на дојка, рак на дебело црево, рак на црн дроб и два лека за рак на бели дробови, изјави Тодоров.
Посочи дека терапијата за рак на кожа, што чини околу 8.000 евра месечно и за рак на бубрег, што чини околу 3.000 евра, а пациентите претходно морале сами да ја набавуваат, сега е достапна и тие ја добиваат бесплатно во рамки на здравственото осигурување.
Кај определени типови рак на дојка овој лек овозможува спречување прогресија и продолжување за повеќе од 50 месеци. Ова е голем исчекор напред во борбата со ова најчесто малигно заболување кај женската популација. Следни се два лека за бели дробови и за црн дроб, кои досега во Македонија воопшто ги немало и сега се прва линија на терапија за овие два типа на карцином. Кај карциномот за дебело црево се воведува лек што во комбинација со операција се доведуваат пациентите во состојба да бидат излечливи, рече Тодоров.
Нагласи дека сите пациенти кои ќе ги исполнат условите за добивање на овие терапии согласно меѓународните протоколи и треба да ги примаат овие лекови, ќе ги примаат и ќе бидат опфатени.
Директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија Милан Ристески појасни дека станува збор за лековите „пертузумаб“ за рак на дојка, „сорафениб“ за карционом на црн дроб, „кризотиниб“ и „егфрин“ за бели дробови, како и „оксалиплатин“ и „бевацизумаб“.
Директорот на ФЗОМ Сашо Стефановски рече дека воведувањето на новата терапија значи приклучок со светските трендови на фармацијата, како и дека некои од овие лекови се измислени пред само три години, што значи дека Македонија е една од првите земји во регионот што ја воведува оваа терапија.
Фондот за здравствено осигурување определи условен буџет и обезбеди финансиски средства за почетокот на набавка на овие лекови од Клиниката во вредност од 32 милиони денари, рече Стефановски.
Директорката на Агенцијата за лекови Марија Дарковска-Серафимовска рече дека Агенцијата во соработка со Министерството за здравство досега обезбедила средства во висина од 61 милион денари за набавка на овие лекови.
На новинарско прашање дали е предвидено лековите во иднина да влезат на позитивна листа, министерот Тодоров рече дека сега се оди со набавка на овие лекови на тендер, што е нов пристап со кој се овозможува поголем број лекови и нова терапија да влезат во Македонија.