Во иднина на клиниките во Скопје ќе работат исклучително најдобрите доктори-специјалисти, најави министерот за здравство Никола Тодоров на денешната владина седница.
На клиниките во Скопје мора да работат најдобрите доктори – специјалисти, мора да се знае кој може да биде доктор и кој може да остане да работи како доктор на клиника во Скопје. Мора да се осигураме дека ќе бидат вработени најдобрите, потенцираше министерот за здравство Никола Тодоров на денешната владина седница.
Имено, ќе има промени во начинот на вработување на доктори-специјалисти, кандидатот на конкурсот не смее да има помал просек од девет, потоа ќе полага писмен и устен испит со прашања кои ќе му бидат доделени по случаен избор и кои никој нема да ги знае.
Потоа, здравствениот работник кога ќе ја добие работата ќе мора веднаш да знае да ја извршува својата функција на своето работно место, ќе мора да ги усвојува и усовршува работните задачи, а неговото знаење во ниту еден случај не смее да биде монополизирано. Тоа значи дека не смее да се случи само еден доктор-специјалист на одредена клиника да знае да работи на одредена апаратура, туку мора неговото знаење да го сподели и со колегите.
Покрај овие измени, ќе има и измени во законот за работа на лабораториите. Нивната работа ќе биде максимално контролирана со таканаречени „слепи проби“ кои на тендер ќе ги набавува Министерството за здравство. Тие „слепи проби“ ќе се испраќаат до лабораториите кои ќе мора потоа да ги вратат до Министерството со образложение за каква анализа се работи, односно дали се работи за биохемиско или микробиолошко заболување. Овие проби потоа ќе бидат испратени до производителот на „слепите проби“ од каде во одреден рок треба да биде потврдено дали наодот на лабораторијата е точен.
Овие промени се со цел да нема никакви грешки во работењето на лабораториите, односно грешки во нивните анализи.
Тумор борд е уште една новина која ја предложи министерот за здравство Никола Тодоров на денешната владина седница. Предвидено е да се формираат Тумор бордови на клиниките во Скопје во кој би членувале по шест доктори од различни специјализации и кои би го разгледувале секој случај поединечно. Предвидено е формирање 10 вакви тумор бордови, а тоа е се со цел да се подобри борбата против малигните заболувања во Република Македонија.