Се надевам дека по она што го видовме на стадионот во Белград, некои од креаторите на идејата за „космополитска Тирана“ конечно ќе разберат што значи националистички примитивизам и како ни било нам Албанците од оваа страна на границата да живееме под јаремот и постојаните закани на словенско-православниот ИСИС, кои отворено пропагираат идеја дека „најдобар Албанец е – мртов Албанец!“, напиша писателот Kим Мехмети по фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија, пишува дневниот весник Дневник.
Истиот тој, кој живее под теророт на словенско-православниот ИСИС во Македонија, во таа иста земја има објавено повеќе од 20 книги. Писателот од скопското село Грчец на македонски јазик има напишано и објавено шест книги раскази и три романи во издание на „Мисла“, „Kултура“, „Феникс“, „Зумпрес“, „Макавеј“, кои издаваат дела на македонски јазик, пишува Дневник.
На македонски јазик ги објави: „Поместени рапсодии“, 1989; „Начек“, 1991; „Рибата Екстазис“, 1994, „Месечев цвет“, романот „Седум ноќи тага“, на албански и на македонски јазик, „Селото на проколнатите деца“, 1998. Во оваа земја ја издаде антологијата на „Албански краток расказ“, 1997. Преведува од албански на македонски јазик и обратно иако „обесправениот“ Мехмети јавноста свежо го помни како силен поддржувач на протестите против пресудата во случајот „Монструм“, но и како директен учесник во нив.
Kако жив Албанец, кој според тоа не е добар Албанец, „од оваа страна на границата“ е застапен во речиси сите антологии на современата македонска проза. Негов роман е објавен во 117-тиот том од капиталниот државен проект „130 тома македонска книжевност“ во издание на НИД „Микена“ од Битола, која е дистрибуирана во сите универзитетски центри во светот. Добитник е на наградата „Прозни мајстори“ за најдобра книга од македонски автори, која ја доделуваат издавачката куќа „Феникс“ и фондацијата „Македонија Презент“.
Долг е списокот на учество на Мехмети во културниот живот во Македонија и во областа на издаваштвото во земјава. Беше еден од основачите на неделникот на албански јазик „Лоби“, кој излегуваше во Скопје од 2001 до 2006 година. Потоа беше уредник на списанието за култура на албански јазик „Јехона“ (Скопје) и уредник за издавачката дејност при „Флака е велазеримит“ (1991-1992) на НИП „Нова Македонија“. Во Институтот „Отворено општество“ – Македонија три години беше координатор за издавачка дејност, беше извршен директор на Центарот за мултикултурно разбирање и соработка (1997-2003) во Скопје, каде што бил креатор на многу граѓански иницијативи. Во земјата на јаремот, од 2003 до 2004, Мехмети стана заменик-генерален директор на Македонската телевизија. Од 1994 до 2004 бил главен и одговорен уредник на балканската Алтернативна информативна мрежа (АИМ) за Македонија и нејзин координатор за Јужен Балкан. Сега е претседател на Граѓанското движење „Поинаку“. Веројатно никогаш нема да дознаеме што од ова го заслужил поради своите квалитети, а што поради својата националност, нели? Или не е така?