На Косово пристигнаа уште 130 војници од Романија

Романската армија испрати дополнителен контингент од 130 војници за учество во мисијата на КФОР на Косово, соопшти романското Министерство за одбрана.

Се наведува дека одлуката за дополнување на романските сили е донесена врз основа на овластувањето на Северноатлантскиот совет да управува со актуелната ситуација на Западен Балкан.

„Како членка на НАТО и на Европската унија, Романија се обврза да придонесе во напорите за одржување на стабилна безбедносна средина во регионот“, објави романското Министерство за одбрана на 13 октомври.

Се додава дека по ова додавање, во КФОР има вкупно 210 романски војници.

НАТО донесе одлука да испрати засилување за КФОР по нападот на вооружена група локални Срби врз косовската полиција во Бањска на 24 септември, кога беа убиени еден косовски полицаец и тројца напаѓачи.

Првиот дополнителен контингент од двесте британски војници пристигна во Косово на 6 октомври.

НАТО тогаш објави дека е неопходно распоредување на дополнителни сили поради зголемените тензии на Косово.

Алијансата посочи дека мировната операција на Косово ја спроведува НАТО според резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и соопшти дека во КФОР има повеќе од 4.500 војници.