Курдите во Турција немаат потреба од друга држава, Турција е држава на сите нас, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на предизборен митинг во југоисточниот град Дијарбакир, населен претежно со Курди, пренсеуваат турските медиуми.
Ние не велиме „нема Курди“, туку велиме „нема курдски проблем“.Никој не треба да бара држава за Курдите во Турција. Република Турција е земја на сите нас. Државата на Курдитеисто така е Република Турција, изјави турскиот претседател.
Тој истакна дека неговата владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) „ги спасила Курдите од репресијата на стариот деспотски режим“, како и дека АКП обезбедила слободи за Курдите, пренесоа агенциите.
Ние сме против оние кои прават така, што граѓаните ќе војуваат едни против други, рече Ердоган во врска со активностите на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК).
Групата ПКК, која води вооружена борба против турската држава од 1984 година, се смета за терористичка организација од Анкара, ЕУ и САД.
Ердоган, исто така, ги осуди повиците за ослободување на затворениот кандидат за претседател на прокурдската Демократска партија на народите (ДПН) – Селахатин Демирташ. Според турските власти, ДПН е поврзана со ПКК.
Повик за ослободување на Демирташ беше упатен од кандидатот за претседател на главната опозициска партија – Републиканска народна партија, Мухарем Инџе, кој го посети во затворот во почетокот на предизборната кампања.
Тие го посетија во затворот во Едрене. И што планирате да направите со овие посети? Дојдете, посетете го вашиот народ тука, рече Ердоган.
На 24 јуни, во Турција ќе се одржат предвремени претседателски и парламентарни избори, а Ердоган е убеден во победата па изјави дека изборите ќе бидат завршени во првиот круг.