На Македонија и е потебен уште еден голем резервоар на вода, смета Мицкоски

На Македонија од стратешка природа и е потребен уште еден голем резервоар на вода. Тоа е проект за иднината, не само за Македонија како држава, туку и за иднината на идните генерации кои не се родени, смета лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„ВМРО ДПМНЕ во енергетика има намера сериозно да се позанимава со еден децениски проект, ветуван со децении, а тоа е проектот Чебрен. Се сеќавате, ние предупредивме дека постапката онака како што беше водена не само што не гарантираше реализација на тој проект, туку беше антинационлна сама по себе. Јас длабоко во себе сум убеден дека на Македонија од стратешка природа и е потребен уште еден голем резервоар на вода. Убеден сум дека во иднина некои идни генерации многу важно ќе им биде да обезбедат вода. Такви времиња доаѓаат, имајќи ги предвид климатските промени убеден сум дека уште еден таков резервоар за вода на Македонија како држава ќе и биде многу важен. И тоа не е проект којшто  треба да го гледаме од денес за утре, или за 10 или за 20 години, па дури и за 50 години, тој е проект којшто треба да го гледаме можеби за еден век од денеска. И тоа е проект за иднината, не само за Македонија како држава туку и за иднината на идните генерации којшто не се родени“, вели Мицкоски.