На Македонија ѝ се случува демографска рецесија поради лошите досегашни политики

-Прашањето на демографијата е прашање на нашиот опстанок и битисување кое што е доведено под прашање. Минатата 2023-та година се срушени сите негативни демографски рекорди и тоа значи дека стануваме земја без народ“, истакна Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „24 Отворено“ на 24ТВ.

Тој истакна дека минатата власт на СДСМ и ДУИ е причината поради која си заминуваа граѓаните од Македонија.

„Таа гарнитура кога дојде на власт 2016/2017 година наследија 23.000 новородени бебиња, од цела Македонија. А, минатата година имаме 16.000 родени деца, тоа значи демографска рецесија од 30%“, појасни Ѓорчев. 

Тој посочи дека покрај иселувањето, во Македонија се бележи и намален број на бракови, има намалување на бројката на второ родени деца, дури се бележи и преполовување на бројката на родено трето дете.

„Од 2006-та до 2016-та година Македонија во тие години со сите мерки кои ги преземавме беше единствена земја во која имаше раст на новородени деца, и тоа од 22.588 на 23.003. Тоа е 2+2,3% зголемување во бројот на новородени деца. А, истовремено сите земји од Португалија преку Шпанија, Италија, Грција, целиот Балкан имаа падови на бројот на новородени деца 10,15 па некои дури од нив и 25%“, потсети Ѓорчев.

„Во тој период бројот на третородени деца од 2008 до 2014-та година е зголемен за 40%. Значи дојдовме некаде до 3.700 третородени деца. А, сега бројот на третородени деца во Македонија не е ниту 1.800, а тоа значи дека е преполовено“, рече тој.

Тој напомена дека во Македонија изминативе 6-7 години има егзодусот, со епско иселување како никогаш во последниве 100 години, заедно со антисемејните политики и заедно со зулумот што и се направи на Македонија. Поради тоа ситуацијата мора што поскоро да се промени.