На македонско-српската граница ќе патролираат и полицајци од Германија и Австрија

Директорите на полицијата на Германија, Австрија и Унгарија постигнаа договор да и помогнат на Србија да се справи со бранот на илегални имигранти, што транзитираат преку нејзина територија на пат кон ЕУ, изјави директорот на српската полиција Милорад Вељковиќ, објави МИА.

Десетици илјади имигранти од Блискиот Исток и Африка ја користат балканската рута за влез во ЕУ, преминувајќи од Грција во Македонија, а потоа во Србија на пат кон Унгарија, која е во Шенген зоната. Откако ќе стигнат таму тие можат да се движат слободно низ повеќето внатрешни граници на ЕУ.

По средбата во Белград со колегите од Унгарија, Австрија и Германија Вељковиќ соопшти дека на македонско-српската граница ќе патролираат и полицајци од Германија и Австрија со цел да ги одредат потребите од човечки ресурси и опрема, неопходни за запирање на бранот на имигранти.

– Колеги од Унгарија и возила со уреди за ноќно набљудување веќе се на српската граница со Македонија, а ќе биде создадена и заедничка база на податоци за имигранти – изјави Вељковиќ.

Србија не е членка на ЕУ, но само годинава во земјата азил побарале над 34.000 имигранти.