Најмалку 10 загинати во атентатот врз авганистанскиот потпретседател

Најмалку десет лица се убиени во средата во бомбашки напад во авганистанската престолнина Кабул, а според медиумите станува збор за атентат врз потпретседателот на земјата Амрула Салех.

Салех, поранешен директор на авганистанската разузнавачка служба, го преживеал нападот здобивајќи само полесни повреди на лицето и раката.

„Непријателите на Авганистан повторно се обидоа да му наштетат на Амрула Салех, но тој не е повреден“, се наведува во објавата на Facebook на кабинетот на авганистанскиот потпретседател.

Експлозијата од средата утрото на кабулскиот плоштад Таимани се случи во периодот кога авганистанските функционери и претставниците на радикалното исламистичко движење Талибан се подготвуваат за првите формални преговори за склучување мир.

Салех, инаку е познат како жесток критичар на талибаните. Поранешниот шеф на авганистанското разузнавање досега преживеа неколку обиди за убиство, вклучително и оној од минатата година кога во зградата во кој е сместен неговиот кабинет загинаа 20 лица.

Меѓутоа, портпаролот на талибаните Забиула Муџахид во твит објави дека оваа милитантна група не стои зад денешната експлозија.

Тарик Араин, портпаролот на авганистанското министерство за внатрешни работи, изјави дека цел на нападот била продружбата на Салех додека конвојот одел кон канцелариите. Додаде дека загинале десет цивили кои работеле во близината и дека се ранети 15 лица, меѓу кои и еден од телохранителите на потпретседателот.

Во изјава набрзо по експлозијата, Салех вети дека ќе продолжи со својата политичка работа. Авганистанскиот претседател Ашраф Гани, кој се сретна со својот потпретседател, го осуди атентатот.

„Терористите и нивните странски помагачи не можат да ја поткопаат силната верба на народот во мирот, демократијата и светлата иднина на нашата земја“, истакна претседателот Гани во писмената изјава.

Претставништвото на Европската унија во Авганистан го осуди нападот нарекувајќи го „очајнички чин на непријателите на мировните напори, на коишто мораме заеднички да им се спротиставиме“.