Најмалаку единаесет работници се убиени во експлозија на бомба во северозападниот дел на Пакистан близу границата со Авганистан, соопштија во неделата тамошните функционери.
Работниците се враќале од градилиште на воен пункт, кога нивното возило било уништено во експлозија, изјавиле од локалната полиција. Покрај жртвите, уште најмалку две лица се повредени.
„Сознанието за терористички напад во Северен Вазиристан, кој одзема животи на 11 невини работници, го крши срцето. Силно го осудувам овој бесмислен чин на насилство и стојам во солидарност со семејствата на жртвите“, објави на социјалната мрежа Х привремениот премиер Анварул Хак Какар.
Планинската паштунска полуавтономна покраина Северен Вазиристан долго служеше како база за исламистичките милитанти поврзани со Ал Каеда кои дејствуваа од двете страни на пакистанско-авганистанската граница, пред да бидат потиснати од регионот во низата офанзиви на пакистанската војска.
Според пакистанските безбедносни служби, насилството порасна откако авганистанските талибани повторно ја преземаа власта во соседен Авганистан, па ривалските радикални милитантни групации повторно се префрлаат во непристапните планински области.