Најмалку 13 лица меѓу кои и деца убиени во Доњецк

Најмалку 13 цивили ги загубија животите во украински артилериски напад врз градот Доњецк, соопштија локалните власти.

Шефот на градската управа на Доњецк, Алексеј Кулемзин, во понеделникот на Телеграм напиша: „Според прелиминарните информации, 13 цивили загинаа како резултат на напад на плоштадот“.

Официјалниот претставник додаде дека сѐ уште не е познат точниот број на повредените во нападот.

Локалните медиуми, повикувајќи се на очевидци, велат дека артилериска граната погодила автобуска станица.

Говорејќи за рускиот информативен канал „Россија 24“, Кулемзин рече: „меѓу загинатите има и две деца“, додавајќи дека тоа не е прв случај на убиство на малолетници од украински напади во таа област.

Територијалната одбрана на Народната Република Доњецк, пак, објави порака на сопствениот канал Телеграм, во која се тврди дека украинската војска користела хаубици од 155 милиметри обезбедени од Запад за гранатирање на станбени области на Доњецк.

Властите соопштија дека инфраструктурата и станбените блокови биле под оган во еден од градските квартови. Локалните жители се советуваат да останат дома или да се преселат „во засолништа доколку е потребно“.

Според Територијалната одбрана на Доњецк, уште шест лица загинале во гранатирања од недела до понеделник наутро.