![biskek kirgistan](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/10/biskek-kirgistan.jpg?resize=673%2C439&ssl=1)
Најмалку 130 лица се повредени во понеделникот во Бишкек, главниот град на Киргистан, во судирите меѓу полицијата и демонстрантите коишто ги оспоруваат резултатите од парламентарните избори на кои доминараа партиите од владејачката коалиција.
„Во моментов околу 130 лица се хоспитализирани во градските болници, вклучително и полициски службеници“, соопшти во понеделникот вечерта министерството за здравство на Киргистан. Се додава дека уште неколку десетици лица откако ја добиле потребната медицинска помош одбиле да останат во болница на натамошно набљудување.
Во судирите полицијата користела солзавец и шок-гранати за да растера околу две илјади демонстранти кои се собрале на централниот плоштад Ала-Тоо во центарот на Бишкек. Некои од нив се обиделе да ја прескокнат оградата на резиденцијата на претседателот. Во судирите е повреден и еден од челниците на опозицијата Јанар Акаев.
На изборите одржани во неделата, партијата Биримдик (Единство) која ја водат приврзаниците на претседателот Сооронбај Жеебеков на изборите води со 24,45 отсто од гласовите, покажуваат неофицијалнтие резултати кои во понеделникот ги објави државната изборна комисија. Веднаш зад неа е партијата Мекеним Киргистан (Татковина) со 23,95 отсто од гласовите на чијашто листа се членови на коалицијата и поранешни пратеници на опозицијата.
Попладнево повеќе илјади луѓе се собраа на плоштадот Ала-Тоо, во близина на претседателската резиденција, извикувајќи „Надвор Жеенбеков“ и „Надвор Матраимов“. Вториот е поранешен висок функционер обвинет за корупција.
Рискелди Момбеков, опозициски кандидат на претседателските избори од партијата Ата Мекан, изјави дека претседателот ветил чесни избори но не го одржал зборот. Побара од изборната комисија во рок од 24 часа да ги поништи изборите.
Во поранешната советска централноазиска република со 6,5 милиони население често доаѓа до политичка дестабилизација. Во последните 15 години двајца претседатели беа соборени со бунтови, а третиот е во затвор откако се разиде со својот наследник.
Новата нестабилност во регионот ја загрижуваат Русија којашто во Киргистан има воздухопловна воена база, а веќе е преокупирана со големите кризи во кои се вмешани нејзините соседи поранешни советски републикаи: Белорусија поради протестите против претседателот Александр Лукашено, како и Ерменија и Азербејџан вклучени во новиот воен конлфикт околу јужнокафкаскиот регион Нагорно Карабах.