Најмалку 14 убиени во две експлозии во Авганистан

Најмалку 14 луѓе загинале во вторникот во експлозија на две бомби во градот Бамијан, во централен Авганистан, област која се смета за најмалку опасна во целата земја, соопштија локалните власти.

„Четиринаесет лица загинаа а 45 се ранети во експлозија на две бомби“, изјави за агенцијата AFP Забардаст Сафи, началник на полицијата во Бамијан, додавајќи дека меѓу жртвите се 13 цивили и еден сообраќаен полицаец.

Портпаролот на полицијата, Реза Јусуфи, додал дека бомбите биле поставен на две различни локации, а информациите ги потврдил и портпаролот на авганистанското министерство за внатрешни работи, Тарек Ариџан.

Покраината Бамијан, позната по двете грандиозни скулптури на Буда издлабени во карпи кои талибаните со ракетирање ги уништија во 2001 година, се смета за најмалку опасна и најмалку конзервативна област во Авганистан. Станува збор за претежно планинаска област која ја посетуваат странските туристи и поради скијачките терени.

Мнозинството жители се припадници на шиитската малцинска заедница Хазарa. Оваа заедница повеќепати беше цел на напади особено од стрнаа на приврзаниците на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, последен пат во мај кога беше нападното породилиште во Кабул која ја води меѓународната невладина организација Лекари без граници (Médecins Sans Frontières – MSF), кога беа убиени 25 луѓе, од кои 16 родилки.

Талибаните кои во граѓанската војна во 1990-те години, исто така, ги прогонуваат Хазарите, во вторникот отфрлија своја вмешаност во нападот во Бамијан.

„Експлозиите во покраинита Бамијан немаат поврзаност со талибаните“, порача преку Twitter талибанскиот портпарол Забиула Муџахид.