Најмалку 17 лица ги загубиле животите, седум се повредени а уште две други се водат како исчезнати како последица од поплавите на Филипини, соопшти во петокот Националниот совет за спречување ризици и справување со природните непогоди.
Во објавата се додава и дека со невремето се погодени повеќе од 523.900 луѓе во 13 региони на Филипини. Истиот извор прецизира дека 71.400 лица се сместени во 123 центри за евакуација. Претходно превентивно 5.890 лица ги напуштиле своите домови пред невремето.
Филипинските власти објавија дека во 12 региони се пријавени 730 инциденти поврзани со невремето, меѓу кои и опасни поплави и лизгање на земјиште.
Стихијата оштетила 530 куќи чија штета се проценува на 2,4 милиони пезоси, односно 43.600 американски долари. Оштетени се и 137 инфраструктурни објекти во износ од 3 милиони долар, а привремените штети во земјоделството се проценуваат на повеќе од 5 милиони долари.
Филипинските власти известија и за оштетувања на 158 патишта и 42 мостови, како и на 24 поморски пристаништа. Во 40 градови е забележан прекин во снабдувањето со електрична енергија, во пет општини има проблеми со водоснабдувањето и уште во пет со комуникациите.
Во вкупно 488 градови и 110 општини прекинати е наставата во сите образовни установи, односно работата во повеќето претпријатија. Во пет населени области е прогласена итна вонредна состојба.