
Најмалку 23 луѓе загинале а уште 29 други се повредени во удари на молњи во разни региони на индиската сојузна држава Утар Прадеш во саботата, соопшти тамошната служба за вонредни ситуации.
Премиерот на Утар Прадеш, Јоги Адитанат, веднаш им наложил на окружните судови да донесат одлуки за исплати на компензации на семејствата на жртвите и настраданите од 400.000 рупии, односно 5.360 американски долари, пренесува телевизијата NDTV. Побарал итно да се згрижат сите повредени и да добијат соодветна медицинска помош, и покрај оптоварениот болнички систем поради епидемијата од коранирусот.
Претходно во петокот од удари на громови во Утар Прадеш загинале 15 луѓе. Уште над 20 луѓе загинале во саботата, исто така, како последица од електрични празнења во атмосферата во сојузната држава Бихар, а повеќе од 40 биле повредени.
Повеќето од жртвите се фармери и земјоделски работници кои работеле на полињата во време на невремето. Во услови на обилните и интензивни дождови, замјоделците излегле на полињата за максимално да ја искористат сезоната на монсуните за зголемување на приносите од ориз, но притоа по правило не ја проценуваат вистинската опасноста од ударите на громовите.
Според податоците на Националната агенција за управување со природни непогоди, во Индија од средината на мај од удари на гром загинале најмалку 253 лица а уште 49 преживеале со разни степени на повреди. Притоа, 90 отсто од смртните случаи се пријавени во сојузните држави Утар Прадеш и Бихар.
Годишно од удари на гром во Индија животите ги губат меѓу две и три илјади лица. Властите предупредуваат дека оваа година е регистриран голем број грмежи, како и екстремно обилни дождови, кои се невообичаени за јуни. Според податоците на метеоролозите, во државата Бихар врнежите биле за 66 отсто повисоки од јунскиот просек, додека во Утар Прадеш биле пообемни за 72 отсто.