Најмалку 207 мртви и 900 повредени во сударот на возови во Индија

Најмалку 207 луѓе загинале а уште близу 900 други се повредени откако во петокот се судриле два патнички воза во источната индиска сојузна држава Одиша, соопштија ноќта кон саботата локалните власти, со што ова е најсмртоносната железничка несреќа во Индија по повеќе од десет години.

Се очекува дека вкупниот број загинати ќе биде поголем, објави на Twitter државниот секретар на сојузната држава Одиша, Прадееп Јена.

Сидхансшу Саранги, директорот на противпожарната служба во Одиша, изјавил за Reuters дека досега од остатоците на двата воза се извлечени 207 тела.

„Бев на самото место на несреќата и видов крв, скршени и искорнати екстремитети и луѓе како умираат околу мене“, изјави еден очевидец за Reuters по телефон.

Спасувачките тимови се мобилизирани во Бубанесвара, град во Одиша, како и во Калкута во соседната сојузна држава Западен Бенгал, објави федералниот министер за железниците Ашвин Ваишнав на Twitter.

Три тима за одговор на катастрофи се наоѓаат на местото на несреќата, а мобилизирани се уште шест тима, соопштија Националните сили за одговор на катастрофи.

Сударот се случил во петокот околу 19 часот по локално време, или 15,30 часот по средноевропско, на околу 220 километри  југозападно од Калкута оставајќи катаклизмична сцена на изозбличени до непрепознатливост остатоци и човечки останки и очајни спасувачи додека тимовите се обидуваа да ги ослободат патниците и да ги извлечат телата. Засега сѐ уште не е позната причината за трагедијата.

Возот „Coromandel Express“, кој ги поврзува градовите Калкута и Ченаи, се судрил со друг патнички воз „Howrah Superfast Express“, соопштија од индиските железници. Според првичните сознанија, „Howrah Superfast Express“ излетал од шините и удрил во „Coromandel Express“, соопштија од операторот Југоисточни железници. Десет до 12 вагони од возот излетале од шините, а остатоците од некои од распаднатите вагони паднале на блиската пруга. На тие остатоци налетал другиот патнички воз кој доаѓал од спротивната насока.

Главната министерка на државата Одиша, Навеен Патнаик, изјави за медиумите дека приоритет на властите е „пренесување на повредените во болниците, да се погрижиме за преживеаните“.

Спасувачките операции се во тек и „секаква можна помош“ им се дава на жртвите, напиша премиерот Нарендра Моди на Twitter. Мобилизирани се и националниот тим за одговор при катастрофи, владините тимови и воздухопловните сили, додаде тој.

Новинската агенција Press Trust of India (PTI) објави дека во несреќата бил вклучен и трет воз кој превезувал товари, но нема засега потврда за тоа од железничките власти. Дататраја Бхаусахеб Шинде, главен администратор во областа Баласоре, изјавил дека најмалку 50 луѓе загинале. PTI, пак, објави бројка на загинати од најмалку 70.

Според агенцијата PTI возот „Coromandel Express“ патувал од Хорах во државата Западен Бенгал до Ченаи, главниот град на јужната држава Тамил Наду.

И покрај напорите на владата да ја подобри безбедноста на железницата, неколку стотици несреќи се случуваат секоја година на индиските железници, најголемата железничка мрежа под една управа во светот. Повеќе од 12 милиони луѓе се возат со 14.000 возови низ Индија секој ден, патувајќи по 64.000 километри долгата железничка мрежа.

Во август 1995 година, два воза се судрија во близина на Њу Делхи, при што загинаа 358 луѓе во најтешката железничка несреќа во историјата на Индија. За повеќето железнички несреќи причината е човечка грешка или застарената опрема за сигнализација.