Најмалку 22 загинати и 117 ранети во израелски напади врз центарот на Бејрут

Во четвртокот доцна вечерта израелската армија изврши два смртоносна воздушни напади врз либанската престолнина Бејрут во кои, според либанското Министерство за здравство, загинале најмалку 22 лица, а 117 се ранети.

Претходно во четвртокот наутро израелската армија отвори оган врз членовите на мировната мисија UNIFIL во Либан, што предизвика остра осуда за кршењето на меѓународното право.

Според последните податоци на Министерството за здравство, во овие воздушни напади, чија цел биле два густо населени станбени квартови, загинале 22 лица, а 117 се повредени, пренесува агенцијата либанската агенција ANI. Видеото на тв-сервисот на агенцијата AFP покажува два столба чад коишто се издигнуваат над главниот град.

Еден од тие напади бил насочен наводно кон функционер на Хезболах, изјавил за AFP либански безбедносни извори.

Ова е трет пат израелската авијација, која ги концентрира нападите врз јужните предградија на Бејрут, каде што се наоѓа упориштето на шиитското вооружено движење Хезболах, директно да го гаѓа главниот град од почетокот на масовните напади врз либанското проиранско движење на 23 септември при што загинаа повеќе од 1.100 луѓе.

На бојното поле во Појасот Газа, Израел повторно ги интензивира своите бомбардирања и копнени операции. Палестинската Црвена полумесечина во четвртокот објави дека во нападот врз училиштето Рафида во Деир ел-Балах во центарот на Појасот Газа, во кое се засолнуваат раселените семејства, загинаа 28 лица, а 54 беа повредени.

Израелската војска тврди дека извршила „прецизен“ воздушен напад против „терористи“ кои дејствуваат „во згради кои претходно биле користени“ како училишта.