Најмалку 27 лица се убиени во јужносуданската сојузна држава Централна Екваторија во судирите меѓу сточарите и паравојските пред посетата на поглавартот на Римокатоличката црква, папата Франциско во петокот, изјавил локален претставник за агенцијата Reuters.
Папата треба да пристигне во Јужен Судан од соседната Демократска Република Конго, надевајќи се дека ќе поттикне придвижување во мировниот процес чијашто цел е да се стави крај на деценискиот главно етнички конфликт во кој загинаа стотици илјади луѓе.
Откако бунтовничките борци убиле шест лица од сточарската заедница, сточарите возвратиле во четвртокот со убивање на 21 цивил во блиската област, вклучувајќи пет деца и една бремена жена, рече Фануел Думо, комесар на округот Кајо-Кеџи.
Мировниот договор, потпишан од главните завојувани страни во 2018 година за ставање крај на граѓанската војна што беснее од 2013 година, значително го намали насилството во Јужен Судан во последните неколку години, но повремено избувнуваат мали судири меѓу ривалските заедници.
Надбискупот од Кентербери Џастин Велби, поглавар на Англиската црква, кој му се придружува на папата во посета на Јужен Судан, рече дека е згрозен од убиствата.
„Тоа е приказна која премногу често се слуша низ Јужен Судан. Повторно апелирам на поинаков начин: Јужен Судан да се обедини за праведен мир“, напиша Велби на Twitter.