Најмалку 32 мртви во двоен самоубиствен напад во Багдад

Најмалку 32 луѓе загинале а најмалку 110 се ранети во четвртокот во двојниот самоубиствен бомбашки напад на пазар во ирачката престолнина Багдад, прв ваков напад во последните неколку години, соопштија безбедносни и медицински извори.

Како што пренесе телевизискиот канал Al Arabiya, во областа на пазарот Ал-Тајаран во претежно шиитскиот кварт ал-Баб аш-Шарки, каде што се наоѓа посетуван пазар, се случиле две последователни експлозии.

Портпаролот на ирачката армија соопшти дека „терористичкиот напад го извршиле двајца бомбаши самоубијци кои се разнеле додека биле гонети од припадници на безбедносните сили“.

Медицинските екипи кои интервенирале на теренот стравуваат дека бројот на жртвите може да биде поголем, поради тоа што напаѓачите кои носеле појаси со експлозиви се разнеле меѓу трговците на преполниот пазар во центарот на Багдад. Тоа придонело многу од ранетите да се здобијат со повреди кои го загрозуваат животот.

Во четвртокот од безбедносни причини, ирачката полиција и војска ги блокираше сите патишта кои водат кон ткн „Зелена зона“, област во центарот на Багдад каде што се сместени владините агенции и странските амбасади.

Засега ниедна милитантна група не ја презема одговорноста за нападот. Самоубиствените бомбашки напади во Багдад се реткост од поразот на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава кон крајот на 2017 година. Последниот таков се случи во јануари 2-18 година, и на истиот пазар и тогаш загинаа најмалку 27 лица.