Најмалку 33 лица загинале, а десетици се ранети по бомбашките напади во неколку големи авганистански градови, соопштија локалните власти, јави германската агенција Dpa.
Најсмртоносната била експлозија во шиитска џамија во северниот град Мазар-е-Шариф. Експлозијата однесе најмалку 20 животи, а 60 се повредени, изјави лекар од главниот град на провинцијата за ДПА.
Исламската држава набрзо преку Телеграм објави дека е одговорна за експлозијата во Мазара Шариф.
Втората експлозија предизвика уште најмалку 11 жртви во Кундуз, друг град во северен Авганистан, а потоа и трет напад во источниот град Нангархар.
Во Мазара Шариф, импровизирана експлозивна направа била активирана во џамија во центарот на градот за време на молитва, изјави портпаролот на талибанската полиција Мухамед Асиф Вазири.
Очевидци наведуваат дека бројот на загинати е многу поголем, односно дека загинале најмалку 50 лица. Талибанските безбедносни сили, наводно, ја опколиле областа и ги конфискувале мобилните телефони од луѓето на местото на настанот, а на новинарите им бил забранет пристап.
По повлекувањето на силите на НАТО и заземањето на главниот град Кабул, талибанците постојано ветуваа дека ќе донесат мир во земјата.
По преземањето на власта, тие дополнително ги ограничија медиумските слободи во земјата.
Експлозиите се случиле за време на светиот месец Рамазан и два дена по трите експлозии во средно училиште во кое главно имало членови на шиитската група Хазар.
Според локалните извештаи, до 25 лица загинале во нападите врз училиштата, но засега нема официјални податоци. Шиитите, малцинство во Авганистан, се честа мета на сунитските милитантни групи, вклучително и ИД.
Талибанците велат дека ситуацијата во земјата е стабилна откако тие ја презедоа власта во август, но меѓународните претставници и аналитичарите велат дека постои ризик од обновување на тероризмот и дека Исламската држава ја презеде одговорноста за неколку напади.