Во стампедо на училишен фестивал во Нигерија во средата загинаа 35 деца, а шест се тешко повредени, изјави во четвртокот портпаролот на локалната полиција Осифесо Адевал.
Стампедото се случило во средно исламско училиште во селото Башорун во југозападната држава Ојо, каде што илјадници гости присуствувале на претпразничен фестивал. Полицијата верува дека стампедото започнало кога организаторите почнале да делат подароци и храна.
Осум лица, меѓу кои и директорот на училиштето, се приведени, рече Адевал.
Случаи на смртоносни стампеда и порано беа регистрирани во оваа западноафриканска земја, особено на настани на кои се делела бесплатна храна.
Нигерија е најнаселената африканска земја со 220 милиони жители, од кои малку повеќе од половината се муслимани а останатите христијани, и е еден од најзначајните производители на нафта.
И покрај нејзиното богатство со нафта, земјата покрај долгогодишните исламистички бунтови и дивеење на банди, меѓуплеменски и меѓуконфесионални судири, последната година се соочува и со најлошата економска криза во повеќе од две децении. Инфлацијата предизвика брз пораст на цените на храната, што ја прави основната храна недостапна за многу жители.