Најмалку 40 мигранти ги загубија животите кога бродот со кој пловеле се запалил во близина на брегот на Хаити, објави во петокот агенцијата на Обединетите нации, а очевидци објаснија дека трагедијата била предизвикана од вуду ритуал.
Трагедијата се случи во средата и според агенцијата на ОН, таа уште еднаш ги илустрира размерите на кризата што ја погоди сиромашната карипска земја, поткопана од дивеењето на локалните банди и несигурноста и со стотици илјади раселени луѓе.
Според преживеаните, пожарот избувнал на бродот кога патник запалил свеќа за да изврши вуду „церемонија“, а на бродот имало и бензин, изјавил за AFP портпаролот на транспортната компанија.
Вуду обредите понекогаш ги практикуваат мигрантите кои одат на море со цел да го заштитат преминот и да ја избегнат крајбрежната стража.
Бродот со „повеќе од 80 луѓе“ го напуштил Лабади во северниот дел на Хаити и се упатил кон островите Туркс и Каикос, архипелаг оддалечен 250 километри, според Меѓународната организација за миграција (IOM).
Крајбрежната стража на Хаити спасила 41 мигрант кои ги згрижиле претставници на IOM, единаесет од нив се префрлени во болница на лекување, вклучително и поради изгореници, објави агенцијата на ОН.
Седум повредени лица се во тешка состојба, изјави Аролд Жан, портпарол на полицијата на Хаити во департманот Норд, говорејќи за „пожар проследен со експлозија“.
„Потрагата продолжува со цел да се најдат други евентуално преживеани“, нагласил додавајќи дека истрагата е отворена за „идентификување и разбивање на мрежите што ги организираат овие тајни патувања“.
„Социоекономската ситуација на Хаити е во агонија. Екстремното насилство последните месеци само ги охрабри Хаиќаните уште повеќе да прибегнуваат кон очајнички мерки за да ја напуштат земјата“, реагираше шефот на мисијата на IOM во земјата, Грегоар Гудштајн во соопштение за медиумите.