Најмалку 50 загинати и стотици повредени во судар на возови во Индија

Најмалку 50 луѓе загинале а уште повеќе од 400 се повредени откако два патнички воза се судриле во петокот во источната индиска сојузна држава Одиша, известуваат тамошните медиуми.

Возот „Coromandel Express“, кој ги поврзува градовите Колката (Калкута) и Ченаи, се судрил со друг патнички воз „Howrah Superfast Express“, соопштија од индиските железници.

Според првичните сознанија, „Howrah Superfast Express“ излетал од шините и удрил во „Coromandel Express“, соопштија од операторот Југоисточни железници. Десет до 12 вагони од возот излетале од шините, а остатоците од некои од распаднатите вагони паднале на блиската пруга. На тие остатоци налетал другиот патнички воз кој доаѓал од спротивната насока, изјави Амитаб Шарма, портпарол на Министерството за железници.

Во снимките од местата на несреќата се гледа како спасувачите се качуваат на остатоците од еден од возовите во потрага по преживеани. Се стравува дека во остатоците и уништените вагони има уште голем број останати мртви или заробени повредени патници.

Околу 400 луѓе се пренесени во болници по несреќата, која се случи во источна Индија, на околу 220 километри југозападно од Калкута, соопштија властите. Причината сѐ уште е непозната.

Десет до 12 вагони од еден воз излетале од шините, а остатоците од некои од распаднатите вагони паднале на блиската пруга. Урнатините биле погодени од друг патнички воз кој доаѓал од спротивната насока, изјави Амитаб Шарма, портпарол на Министерството за железници.

Главниот министер на државата Одиша, Навеен Патнаик, изјави за медиумите дека приоритет на властите е „пренесување на повредените во болниците, да се погрижиме за преживеаните“.

Спасувачките операции се во тек и „секаква можна помош“ им се дава на жртвите, напиша премиерот Нарендра Моди на Twitter. Мобилизирани се и националниот тим за одговор при катастрофи, владините тимови и воздухопловните сили, додаде тој.

Новинската агенција Press Trust of India (PTI) објави дека во несреќата бил вклучен и трет воз кој превезувал товари, но нема засега потврда за тоа од железничките власти. Дататраја Бхаусахеб Шинде, главен администратор во областа Баласоре, изјавил дека најмалку 50 луѓе загинале. PTI, пак, објави бројка на загинати од најмалку 70.

Речиси 500 полицајци и спасувачи со 75 амбулантни возила и автобуси реагирале на местото на несреќата, рече Прадип Јена, највисокиот бирократ на државата Одиша. Спасувачите се обидуваа да ослободат 200 луѓе за кои се стравуваше дека се заробени во урнатините, рече Д.Б. Шинде, администратор на областа Баласоре во државата.

Според агенцијата PTI возот „Coromandel Express“ патувал од Хорах во државата Западен Бенгал до Ченаи, главниот град на јужната држава Тамил Наду.

И покрај напорите на владата да ја подобри безбедноста на железницата, неколку стотици несреќи се случуваат секоја година на индиските железници, најголемата железничка мрежа под една управа во светот. Повеќе од 12 милиони луѓе се возат со 14.000 возови низ Индија секој ден, патувајќи по 64.000 километри долгата железничка мрежа.

Во август 1995 година, два воза се судрија во близина на Њу Делхи, при што загинаа 358 луѓе во најтешката железничка несреќа во историјата на Индија. За повеќето железнички несреќи причината е човечка грешка или застарената опрема за сигнализација.