Десетици експлозии одекнале во понеделникот утрото во Џалалабад, голем град на истокот на Авганистан, соопштија локалните власти наведувајќи дека има најмалку 66 ранети, во периодот додека се прославува стогодишнината од независноста на земјата.
„Експлодирале импровизирани експлозивни направи во повеќе градски и приградски населби, додека луѓето го прославувале јубилејот на независноста“, изјавил за агенцијата AFP, Атаула Когјани, портпарол на гувернерот на источната покраина Нангахар чиј административен центар е Џалалабад.
Најмалку 66 лица се повредени, меѓу нив жени и деца, во осумте експлозии во градот и на два приода кон него, додал Когјани.
Засега никој не ја презема одговорноста за овие напади. Талибаните и авганистанскиот огранок на џихадистичката група Исланмска држава дејствуваат во покраините покрај границата со Пакистан, па нападите врз владини цели и шиитското етничко малцинство не се реткост.
Авганистанците ширум земјата ја слават стотата годишнина од ослбодувањето од британското колонијално владеење. Меѓутоа, прославата во саботата ја наруши бомбашкиот напад за кој одговорноста ја презема Исламската држава на шиитска свадбена церемонија во главниот град Кабул, кога беа убиени најмалку 63 луше, а уште 182 лица се ранети,
„Ќе ги уништиме засолништата на Исламската држава, каде и да биле тие, на истокот, западот или во централните области. Нема да имаме милост кон нив. Ќе ја одмаздиме секоја пролиена капка крв на нашиот народ“, порача авганистанскиот претседател Ашраф Гани.
Секојдневното насилство во Авганистан продолжува и покрај најавите за можен договор меѓу САД и талибаните, кој би отворил пат кон преговорите меѓу владата во Кабул и радикалната исламистичка група која во моментов контролира територија поголема од пред американската инвазија во 2001 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изрази садоволство поради преговорите кои во моментов сѐ уште се водат, тврдејќи дека се позитивни, и оние со авганистанската влада и оние со талибаните. Повеќе американски извори деновиве најавија дека е можно да биде постигнат договор. Но некои прашања уште треба да бидат решени и американскиот преговарач Залмај Калилзад деновиве би можело повторно да патува во катарската престолнина Дога поради заокружување на преговорите.