![La gare de Paris-Montparnasse](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Pariz-zeleznicka-stanica.jpg?resize=696%2C435&ssl=1)
Осумстотини илјади луѓе ќе бидат погодени од откажувањето на возовите поради подметнување пожар на железничката мрежа TGV, објави во петокот француската железничка компанија SNCF. Од SNCF најави дека тоа ќе биде особено видливо за време на викендот.
Вандали ја нападнаа француската мрежа за брзи возови TGV во серија координирани подметнати пожари што предизвикаа големи прекини на некои од најпрометните железнички линии во земјата пред церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз во петок. Државниот железнички оператор соопшти дека подметнувачите на пожари запалиле инсталации долж линиите што го поврзуваат Париз со западниот, северниот и источниот дел на земјата и дека сообраќајот ќе биде сериозно прекинат во текот на викендот.
Министерот за транспорт Патрис Вергриете објави дека секој втор воз кон исток и север и секој четврти брз воз во правец на Бордо биле погодени. Мерките за безбедност се засилени, изјави префектот на париската полиција Лорeн Нуњез за веб-страницата FranceInfo.
Неколку возови на „Eurostar“ за Париз се откажани, а други се пренасочени. Железничкиот оператор, кој управува со меѓународните услуги од лондонскиот Сент Панкрас, во петокот потврди дека неговите возови ќе доцнат поради тековните проблеми во Франција, објави новинската агенција PA. „Eurostar“ ги советуваше патниците да не патуваат во петок, откако неговите железнички линии меѓу Лондон и Париз беа прекинати поради вандализам во Франција, објави BBC.
„Ќе го наруши денешниот ден, а можеби и викендот“, изјави министерката за спорт Амели Уде-Кастера за телевизиската станица BFMTV.
Свеченото отворање на Олимписките игри започнува вечер во центарот на француската престолнина. Зборувајќи „со претпазливост и само по прелиминарни анализи“, таа рече дека се чини дека станува збор за „координирана саботажа“. Министерот за транспорт Вергриете рече дека „координираните злонамерни акции“ предизвикале значителни проблеми во сообраќајот.