Најмалку 87 закопани во масовна гробница во суданскиот Западен Дарфур
Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации во четвртокот објави дека најмалку 87 лица, вклучително и членови на племето Масалит, се закопани во масовна гробница во суданската провинција Западен Дарфур, велејќи дека има веродостојни информации дека паравоените Сили за брза поддршка (RSF) се одговорни за тоа.
Етнички мотивираното насилство ескалираше изминатите неколку седмици во конфликтот меѓу армијата и паравоената RSF што избувна во април и ја доведе земјата на работ на граѓанска војна.
Во Ел-Генеина, центарот на Западен Дарфур, сведоците и групите за човекови права забележале повеќекратни напади од страна на RSF и арапските милиции врз членовите на неарапското племе Масалит. Локалните жители биле принудени да ги закопуваат мртвите тела, вклучително и телата на жени и деца, на отворен простор во близина на градот меѓу 20-ти и 21-ив јуни, соопштија ОН, додавајќи дека некои луѓе починале од нетретирани рани.
„Најостро го осудувам убивањето на цивили и поединци кои не се способни за борба, и згрозен сум од студениот и навредлив начин на кој беа третирани мртвите, нивните семејства и заедници“, рече високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк во истата изјава и повика на брза и темелна истрага.
Портпаролот на RSF не бил веднаш достапен за коментар по барање на агенцијата Reuters.
Не било можно точно да се утврди колкав дел од убиените се членови на племето Масалит, додаде портпаролот на Обединетите нации.
Етничките убиства ги зголемија стравувањата од повторување на злосторствата што се случија во Дарфур по 2003 година, кога милициите познати како Џанџавид, од кои произлегоа RSF, ѝ помогнаа на владата да го задуши бунтот на главно неарапски групи во Дарфур, во кои загинаа, како што се проценува, над 300.000 луѓе.
Портпаролот на армијата, генералот Набил Абдула, изјави за Reuters дека инцидентот одговара на „нивото на воени злосторства и дека овие видови ѕверства не треба да останат неказнети“.
„Оваа бунтовничка милиција не е против армијата, туку против граѓанинот на Судан, а нејзиниот проект е расистички и (тоа е) проект на етничко чистење“, додаде тој.