Четири лица се најдени мртви во неделата по големите поплави кои од петокот го погодија југоистокот на Франција предизвикувајќи големи штети, соопштија во неделата вечерта локалните власти.
Телевизијата BFMTV, повикувајќи се на властите на департманот Вар, пренесува дека едно тело било најдено во општината Мји, меѓу градовите Ница и Марсеј, откако лицето испаднало од чамец за спасување доцна вечерта во саботата. Уште едно тело било најдено во автомобил во градот Кабас.
„Службите за безбедност и спасување, кои се вклучени во справувањето со поплавите во Вар, пронајдоа две безживотни тела во (општината) Танерон и автомобил на двојка која се сметаше за исчезната“, го цитира телевизијата соопштението на префектурата.
Се додава дека спасувачите ја продолжуваат потрагата по 77-годишен маж, кој исчезнал за време на поплавата во општината Сент-Антонен-ду-Вар.
Во саботата поради силните дождови и поплавите во два департмана во југоисточна Франција, Вар и Приморски Алпи, беше прогласено „црвено ниво“ на метеоролошка опасност. Неколку реки се излеаја предизвикувајќи голема штета на поплавени куќи, однесени автомобили и чамци. Многу рагионални правци и автопати беа затворени, а беше запрен и железничкиот сообраќај на Азурниот брег.
Дождот продолжува во регионот и во неделата, иако не толку обилно како претходните денови, па поплавите почнале да се полвекуваат и нивото на метеоаларм е намалено на „портокалово“.