Најмалку девет жени кои учествувале на забава која ја организирала Социјалдемократска партија на Германија (SPD), на којашто присуствувал и канцеларот Олаф Шолц, биле дрогирани со супстанција позната како „дрога за силување“, објави во саботата самата владејачка партија.
Портпаролот на пратеничката група на SPD во Бундестагот го потврдил пишување на берлинскиот дневен весник Tagesspiegel и додал дека досега се потврдени девет жртви.
Берлинската полиција истовремено одговорила дека истражува случај на тешки телесни повреди, откако 21-годишна жена, исто така, учесничка на забавата, поднела пријава.
„Им советувам на сите на коишто се однесуваа ова да подигнат тужба“, напиша на Twitter една од челничките на SPD, Катја Маст.
Во електронската пошта упатена до учесниците на споменатата летна прослава одржана во средата, SPD го осудува „стравичниот чин кој веднаш ѝ беше пријавен на полицијата“.
Околу илјада луѓе присуствувале на традиционалната прослава којашто SPD ја организира пред почетокот на сезоната на летните одмори, а меѓу нив бил и канцеларот од оваа партија Олаф Шолц, како и многу пратеници и соработници.
Берлинската полиција соопшти дека по „прославата која ја приредила политичка партија“ 21-годишна жена пријави дека следниот ден не можела да се сети на ниедна поединост од вечерната забава.
Жената се пријавила на преглед во болница и поднела тужба. Младата девојка на прославата консумирала храна и безалкохолен пијалак, кога одеднаш почувствувала општа слабост и вртоглавица. Берлинската полиција досега е известена за четири вакви случаи.
Таканаречената „дрога за силување’ предизвикува мачнина и вртоглавица и главно се става во пијалак и предизвикува седација (примирување) со хипнотички ефект (поспаност), за жртвата да не може да пружи отпор и за злосторникот да може да ја силува, ограби или да примени некој друг чин на агресија.
Минатата 2021 година во Берлин, германската престолнина инаку е позната по повремени ексцесни забави, беа пријавени 22 случаи на напад со „дрога за силување“, потсетува весникот Berliner Zeitung. Вистинската бројка на жртвите, меѓутоа, е далеку поголема, бидејќи многу жртви не можат да се сетат на настаните и се срамат да поднесат тужби, се додава.