![uganda stampedo](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/01/uganda-stampedo.jpg?resize=640%2C424&ssl=1)
Најмалку девет лица, меѓу кои и деца, ги загубиле животите кога толпата која брзала да го следи новогодишниот огномет се заглавила во тесен коридор во трговски центар во близина на главниот град на Уганда, соопшти во неделата полиција на Кампала.
Метежот настанал по огнометот пред трговскиот центар „Freedom City“, на југот од главниот град, изјави по прелиминарните податоци Луке Овојесигјире, портпарол на националната угандска полиција според кој пет лица починале на самото место, а „голем број“ се повредени во гужвата.
Повеќето жртви се „млади, на возраст од 10, 11, 14 и 20 години“, изјавил за AFP Патрик Онјанго, портпарол на полицијата во Кампала.
Очевидци за медиумите велат дека метежот настанал кога масата луѓе се упатила да го следат огнометот. Настанала турканица, некои луѓе паднале, малите деца почнале да плачат и врескаат, велат очевидците кои го преживеале стампедото.
Во 2009 година едно лице загина а три беа повредени во метежот пред забавниот парк во Кансанга, во близина на Кампала.
Ова беше прва прослава на Новата година во Уганда, африканска земја во областа на Големите езера, по три години, кога масовните прослави беа откажани поради пандемијата на короноваирусот и поради безбедносните ризици.