Најмалку две жртви во напад на Универзитетската болница во Ротердам

Напаѓач во четвртокот уби најмалку две лица во Универзитетската болница во Ротердам и во стан во блиското соседство, соопшти полицијата на прес-конференција.

Осомничениот, студент на универзитетот, прво смртно ја застрелал 39-годишната жена којашто живеела во неговото соседство и тешко ја ранил нејзината 14-годишна ќерка, соопшти полицијата на телевизиска прес-конференција. Откако ја запалил куќата на жената, вооружениот напаѓач отишол во Универзитетската болница во Медицинскиот центар во Ротердам, каде влегол во училница и смртно застрелал 46-годишен предавач.

На територијата на универзитетскиот кампус е уапсен осомничниот 32-годишник, кој е студент на Универзитетот Еразмус. Мажот бил уапсен во близина на болницата, каде повроно предизвикал пожар. Холандскиот државен обвинител на истата прес-конференција изјави дека мотивот на напаѓачот не е јасен.

„Осомничениот им беше познат на органите на прогонот и во 2021 година беше гонет и осуден за злоупотреба на животни“, рече Хуго Хиленар, главен обвинител во Ротердам.

На видеата објавени на интернет се гледа како полицијата ги насочува студентите да избегаат од зградата додека тешко вооружена екипа пристигнува на местото на злосторството.

„Ова е многу мрачен ден“, рече техничкиот министер за правда и безбедност Дилан Јесилѓоз, пренесува de Telegraaf.

„Шокирани сме од ужасен инцидент. Се пукаше на две различни места во градот. Многу луѓе беа сведоци на тоа. Емоциите во градот се многу високи. Моето сочувство за жртвите“, рече градоначалникот на Ротердам, Ахмед Абуталеб.