Најмалку еднаш месечно, а по потреба и повеќе пати ќе се состанува Координативното тело на градоначалници на Град Скопје со цел да се изнајдат решенија за проблемите на граѓаните, најави скопската градоначалничка Данела Арсовска.
Координативното тело во понеделникот се состана, а на него десетте градоначалници на скопските општини и градоначалничката на Град Скопје разговараа за тоа како да се координираат активностите во општините за да има побрза реакција на барањата на граѓаните. Како што информираа од Град Скопје, на состанокот е разговарано и за спроведување на акција за чистење на депониите.
„Првпат по долг период заседаваше Координативното тело на градоначалници на Градот Скопје што изминатиот период беше изоставено како пракса од страна на претходниот градоначалник. Координативното тело ќе се свикува согласно Закон најмалку еднаш месечно, а по потреба и повеќе пати со главна цел изнаоѓање на конкретни решенија за проблемите што граѓаните ги сметаат за приоритетни“, истакна Арсовска на состанокот.
Договорено е до следниот состанок да се изготви акциски план со конкретни рокови и да се започне со нивна реализација, а со секоја координација да се надополнува планот соодветно на состојбите на терен. Во меѓувреме, ќе се направи и план за отворање на расправа за Генералниот урбанистички план и ставање на функција на Зелениот совет на град Скопје.
„Непоходно е да соработуваме сите за да имаме побрзо решавање на проблемите. Некои од нив се поврзани меѓу општините, затоа е неопходна координација и заеднички активности. Само со меѓусебна соработка ќе постигнеме брзи решенија“, истакна Арсовска.
Координативното тело на градоначалници под Градот Скопје согласно закон, делува во интерес на граѓаните, а на седниците се разгледуваат прашања од заеднички интерес на општините и се изнаоѓаат решенија